Зоран Јовановски од струмичко Ангелци и годинава беше дел од „Виз Ер Скопски маратон“, кој по 19-ти пат се одржа во главниот град на Македонија. 46-годишниот Зоран беше единствениот кој со својата инвалидска количка ја помина патеката од 42 километри и стигна на целта за 4:26’34 часа.
Зоран вели дека во животот не постојат препреки, туку можности од кои можеме да направиме повеќе за себе и за опшеството. Воден од желбата да успее, Зоран е неверојатна инспирација за сите нас, дека во животот може да се направи се, но за тоа е потребна само желба и силна волја.
„Кога учествувам на маратони честопати со голем скептицизам ме гледаат останатите учесниците, и речиси секогаш се со прашањето „зар ти ќе издржиш”. На крајот многу од нив не ни успеваат да ја видат целта, но јас и во инвалидска количка успевам да ја поминам“, кажа во една прилика Зоран за тоа како на него гледаат останатите учесници.
Инаку на годинашниот „Скопски маратон“ учествуваа над 11.000 учесници од 53 земји. Виктор Киплагат од Кенија победи во машка конкуренција, тој ја истрча патеката долга 42 километри за 2:15:09 часа. Во женска конкуренција најбрза беше неговата сонародничка Рут Матебо, која имаше време од 02:44:17 часа.