11-ти Декември, денот на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, Струмица го празнува како свој патрон, заштитници на градот. По тој повод од четврток до недела Општина Струмица организира низа активности со кои ќе го одбележат овој ден.
Според објавената програма, во четврток (8 Декември) од 19:00 часот во Градската Уметничка галерија ќе биде поставена Изложба на неизложени дела од збирката на Меѓународната Струмичка ликовна колонија.
Во петок во 19:00 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе се одржи Годишен концерт на „Распеани струмичани“, на кој како гости ќе настапат Благица Калева и Љубомир Митровски.
Следниот ден, во сабота од 12:00 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе биде изведена театарската претстава „Пат околу светот“, а во 19:30 часот во малата сала на Центарот за култура ќе се одржи Поетско-видео приказна „Куќа на ѕвездите“ на Здружението за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски“ од Струмица.
На денот на заштитниците, недела 11-ти Декември, од 08:30 часот во Храмот „Свети Петнаесет“ ќе се одржи свечена Литургија, а во 13:00 часот е свечената седница на Советот на општина Струмица на која ќе бидат доделени Годишните награди и Наградата за животно дело. Вечерта во 19:00 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ ќе се одржи Концерт – перформанс насловен „Големи уметници на голема сцена“.