Општина Струмица денеска ќе ги одбележи двата Илиндена, 120 години од Илинденското востание и 79 години од Првото заседание на АСНОМ.
Денеска во 09:00 часот, пред споменикот „Гоце Делчев“ на истоимениот плоштад ќе се говори за историографијата на двата Илиндена по што ќе биде положено свежо цвеќе, а членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“ ќе рецитираат револуционерна поезија.
Илинден или денот на Свети Илија е голем македонски национален и православен празник, кој се одбележува на 2-ри август. Илинден има посебно значење за историјата на македонскиот народ, поради тоа што на 2-ри август започнало Илинденското востание во 1903 година, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ.
Денес, илинденската традиција е испреплетена со патриотски, фолклорни и религиски симболи, што го прави Илинден еден од најважните празници во Македонија.