Синоќа во Домот на АРМ во Струмица, пред голем број љубители на пишаниот збор, пријатели, се одржа промоцијата на поетската збирка „ИНСОМНИЈА, И…“ од Павлина Стојанова.
Настанот беше емотивна експлозија на зборови, солзи и тишини што зборуваат. Публиката ја исполни салата, и уште повеќе – ја исполни со емоции. Секоја прочитана песна одекнуваше во срцата на присутните. Протекоа солзи не само од тага, туку и од препознавање – во стиховите се пронајдоа мајки што ги чекаат децата со месеци за прегратка, татковци што молчат, блиски што заминале, и души што не спијат.
Дел од збирката е посветен и на мајката на поетесата, која неодамна замина од овој свет – загуба што се чувствува како нем глас низ сите стихови.
Промотор на книгата беше писателот Борче Панов, кој ја истакна длабочината и човечноста на оваа поезија. Актерката Танкица Стојанова ги оживеа песните со силна интерпретација полна со емоции, додека музичарот Горан Алич, со својот настап и композицијата „ИНСОМНИЈА“ создадена специјално за овој настан, ја пренесе емоцијата таму каде што зборовите замолкнуваат.
Вечерта остана како доказ дека вистинската поезија не се чита – таа се чувствува и се доживува…