Вчера и денеска Струмица и СОУ „Димитар Влахов“ по втор пат беа домаќини на најголемиот хакатон во светот „NASA Space Apps Challenge“ на кој учениците се соочија со 31 предизвик.
На хакатонот учествуваа голем број на екипи од цела Македонија и ги претставија своите решенија, а на нив работеа 48 часа.
Тимот „Quake Brains“ на Средното општинско училиште „Димитар Влахов” од Струмица, во состав: Александра Милушева, Василија Ѓоргиева, Михаела Цицимова, Анастасија Велкова и Вероника Ристова, под менторство на професорката Билјана Бајрактарова ја освои првата награда на Nasa Space 2023.
Хакатонот во Струмица е организиран од страна на локалниот лидер Зорица Масникоса-Поп Трајкова со поддршка на Општина Струмица и градоначалникот Костадин Костадинов и голем број компании. Наградите беа овозможени од страна на компанијата „Мамас“.
„NASA Space Apps Challenge“ е најголемиот хакатон во светот кој истовремено се одржува во над 160 земји, а учесници се средношколци, студенти и млади претприемачи од целиот свет со познавања и интереси во најразлични области. Се организира од 2012 година од страна на Американската агенција за вселенски истражувања NASA, поконкретно од Директоратот за Научни истражувања за Земјата во соработка со програмата на NASA за апликативни научни истражувања и отворени иновации.
Целта на натпреварот е да поттикне кај младите интерес и љубов за иновирање и STEM технологии (науката, технологијата, инженерството и математика), а и да развие кај нив значајни вештини како што се решавање проблеми, работа во тим, креативност и мултидисциплинарен пристап. Посебен фокус на натпреварот е вклучување и на девојки, како и учесници од целата земја од различни етнички заедници и со најразлични претходни искуства и вештини.