Синоќа градоначалникот Петар Јанков, директорите на јавните претпријатија, претседателот Никола Маџунков и членови на Советот на општина Струмица во Домот на АРМ имаа средба со сите членови на Советите на обновените урбани и месни заедници во општина Струмица.
Упатувајќи честитки за неодамнешниот избор на новите членови и претседатели на месните заедници, советникот Владимир Ристов, кој беше модератор на средбата, кажа дека улогата на месните заедници не е само да се укажува на проблеми, туку и да бидат мост помеѓу граѓаните и општината, партнер во креирање решенија и во градење доверба.
„Месната заедница е најблиската институција до граѓанинот, првиот контакт, првиот глас и најреалниот показател што навистина им е потребно на луѓето. Само со активни, гласни и одговорни месни заедници можеме да изградиме општина што ги слуша своите граѓани и реагира навреме. Затоа една од првите иницијативи на градоначалникот Јанков беше по многу години да се обнови функционирањето на месните заедници“ – кажа Ристов.
Градоначалникот Петар Јанков пред присутните кажа дека сите предлози, идеи, проблеми од нивното маало, од нивното село, кои на состаноците ги кажале, а во записниците се забележани, дел се ставени и планирани во новиот буџет за 2026 година, а дел ќе чекаат подобри времиња, бидејќи како што кажа тој, Општина Струмица, заедно со сите јавните претпријатија е во големи долгови, наследени од претходната власт, кои мора сега тие да ги враќаат.
„Ни требаат реално две до четири години да дојдеме на нула. Но тука сме, тоа ќе го исправиме, направивме развоен буџет за 2026 година“ – кажа градоначалникот Јанков најавувајќи им неколку проекти за реализација преку новиот буџет, кој советниците ќе го разгледуваат во петок на седница.
Јанков кажа дека иако ќе имаат голем буџет со над 1,7 милијарди денари или над 27 милиони евра, од кои најголемиот дел ќе се блок дотации од државната каса, ќе бидат ограничени поради големите долгови, но ќе инвестираат во капитални проекти.
„Сите ставки по малку се зголемени, во споредба на претходниот буџет, и во делот на спортот, и во делот на културата. Планирано е со наши сопствени средства да го доизградиме Домот на културата во Куклиш. Планираме да ја уредиме старата струмичка чаршија со нови автентични фасади на објектите, во соработка со „Завод и Музеј“ Струмица и сопствениците на објектите. Ќе го довршиме поројот „Крушевска Република“ од кружен тек кај ЕВН до транзитот на „Климент Охридски, а се планира и Прочистителна станица во Банско. Спроти „Агрокор“ ќе се инвестира на околу десетина парцели за мало стопанство, односно за занаетчии, мали бизниси“ – кажа градоначалникот Петар Јанков.
ЈПКД „Комуналец“ Струмица е со најмногу долгови, повеќе и од општината. Новиот директор, Кире Синдраковски наследил долг од дури 9 милиони евра и нефункционална механизација. Во моментот над 60 приватни фирми го блокираат „Комуналец“, преку извршители или банки, кои ја отежнуваат работата на комуналното претпријатие.
„Како да ви кажам, ништо не се плаќало. Кај мене секојдневно се јавуваат по 2-3 фирми дека имаат побарувања и од 2022 година“ – кажа Синдраковски.
Тој е оптимист, се работело на решавање на проблемите заедно со градоначалникот на Струмица, се разговара со странските амбасади во Македонија за донации на механизација.
„Не се откажуваме. Ќе биде подобро и има светла иднина за Струмица, за населените места и за сите нас“ – кажа директорот на „Комуналец“, Кире Синдраковски.
И „Струмица Транспорт“ е со големи долгови. Таму најголем долг е секој месец ратата за 10-те електрични автобуси. Новиот директор, Ване Митушев затекнал три месеци неплатени рати за автобусите и три месеци неплатена електрична енергија, пет тужби за неплатени побарувања од над 36 милиони денари.
„Сите сме сведоци дека секојдневно низ градот, низ населените места се сообраќат автобусите, јавниот превоз. Автобуси имаме, но инфраструктура немаме, постројќи немаме, информативни табли немаме. Токму во 2026 година ќе започнеме со имплементација на автобуски постројќи. Во првата фаза ќе се постават постројќи на главните и најфреквентни места во градот, ќе бидат со информативни табли, кога, во колку часот на секоја постројка доаѓа автобусот. На дел од постројќите, каде ќе има можност ќе се постават и лед-дисплеи, каде граѓаните ќе можат да ги следат во реално време автобусите кога ќе пристигнат на постројката“ – кажа директорот Митушев најавувајќи дека се планираат и нови линии, како и меѓуопштински во соработката со општините од струмичкиот регион.
Александар Петровски, директор на ЈП „Паркиралишта Струмица“ говореше за проблемите со паркирањето во градот, недостиг на простор, тесни улици, автомобили оставени кадешто не треба, но иако нема магично решение преку ноќ, вели дека со разговор, трпение и добра организација, може чекор по чекор да се воведе повеќе ред, без да им се прави непотребни проблеми на граѓаните.
Во однос на јавното осветлување Петровски кажа дека, нивна цел како јавно претпријатие е секоја улица биде осветлена.
„Ќе се трудиме дефектите да се санираат навреме, а таму кадешто има потреба да се подобри осветлувањето. Во исто време ќе работиме на подобрување на системот за јавно осветлување во соработка со општината и месните заедници. Сакам да ве замолам за соработка, вие најдобро знаете каде има проблеми, каде е темно, каде паркирањето создава мака, каде треба малку повеќе внимание“ – кажа Петровски.
И претседателот на Советот на општина Струмица, Никола Маџунков ги повика членовите на советите на урбаните и месните заедници на соработка со јавните претпријатија и со Советот на општината и градоначалникот, за да општина Струмица биде функционална заедница и подобро место за живеење на сите нејзини жители. /Р.Ѓ./





























