Синоќешниот хуманитарен концерт на етно-групата Љубојна во рамките на проектот „Со песна до инклузија” создаде незаборавна атмосфера која присутните гости уште долго ќе ја паметат. Преполната сала и восхитената публика беа сведоци на една посебна музичка вечер која веруваме ги надмина сите очекувања.
А токму посебноста на настанот произлегува од неговата инклузивна природа – од организацијата до самиот перформанс. Лицата на кои им е потребна инклузија беа активно вклучени во сите аспекти на организацијата, од продажбата на билети до пречекувањето на гостите, а дел од нив се покажаа вешти и со микрофонот во рака и рамо до рамо ги одмерија своите музички квалитети со Љубојна. Сето ова покажа дека со вистинска поддршка не постојат граници кои би ги ограничиле капацитетите кои ги има секоја индивидуа посебно.
Проектот „Со песна до инклузија” не е само концерт, туку и платформа за подигање на свеста за важноста на инклузијата во нашето општество. Преку соработката со различни здруженија на граѓани, проектот активно работи на детектирање и надминување на предизвиците со кои се соочуваат лицата на кои им е потребна поддршка за целосна општествена инклузија.
Синоќешниот концерт покажа дека музиката навистина има моќ да обединува, да руши бариери и да создава простор каде што сите се добредојдени и вредни. Тоа беше повеќе од музички настан – тоа беше славење на различностите и потврда дека заедно можеме да создадеме поинклузивно општество за сите.
Преземено од Фондација Елеуса