Во просториите на хотел „Илинден“ во Струмица, ПЗУ аптека „ЕЛИКСИР“ го одбележа Светскиот ден на астма со едукативно предавање наменето за лица болни од астма.
Под мотото „Превенирај, дијагностицирај, третирај, едуцирај“ м-р по фарм. Тања Пандева и м-р по фарм. Данче Петрова Ѓоргиев, дел од тимот на ПЗУ аптека „ЕЛИКСИР“ на присутните им ги демонстрираа техниките за правилна употреба на терапијата за астма, правилна употреба на пикфлометри во домашни услови, додека д-р Весна Певќева, специјалист по семејна медицина, ги презентираше симптомите и начинот на превенција и дијагностика на астма.
Присутните на предавањето, покрај информации и корисни инструкции за начинот на правилна употреба на терапијата, добија и дневници за следење на симптомите на астма и природни препарати наменети за подобрување на имунитетот.