Во изминатиот период, струмичката јавност сè почесто поставува едно значајно прашање: Кој управува со Фејсбук страницата на некогаш реномираниот медиум ТВ Канал ВИС – Струмица?
Овој медиум, кој одамна не емитува телевизиска програма, нема ажуриран веб-сајт, ниту достапни контакт-податоци. Последниот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за 2024 година тоа јасно го потврдува.
Загрижува фактот што откако беше објавена кандидатурата на Марјан Даскаловски за градоначалник на СДСМ Струмица за претстојните локални избори, оваа Фејсбук страница започна со објавување на тенденциозни, а често и целосно измислени содржини – непотпишани анкети, манипулативни текстови и неосновани муабети кои имаат за цел да нанесат штета на нашиот кандидат и да ја доведат јавноста во заблуда.
Дополнителен сомнеж буди фактот што ниту еднаш не е побаран став од СДСМ Струмица или од нашиот кандидат, што е основен новинарски принцип за фер и објективно известување. Тоа фрла сериозен сомнеж дека зад оваа страница не стојат новинари, туку поединец или група што користи вештачка интелигенција за креирање манипулативна содржина со политичка цел.
Јавно ги повикуваме Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) да одговорат:
- Дали овој медиум е нивен член?
- Дали ја почитува новинарската етика и Кодексот на новинарите на Македонија?
- И зошто, ако навистина е независен медиум, се бришат коментари на граѓани кои не се согласуваат со нивните објави?
СДСМ Струмица отсекогаш стоела на страната на вистината, на страната на граѓаните и на слободното и објективно новинарство. Граѓаните заслужуваат да знаат кој стои зад овој медиум и зошто се користи како алатка за политичка манипулација. Вистината секогаш излегува на површина – така ќе биде и овојпат.
ОО на СДСМ Струмица