Саат кулата на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица изграден заедно со плоштадот во 2010 година ќе добие нов лик до Нова година. Познатиот академски сликар и мозаичар од Струмица, Александар Филев веќе пет месеци камче до камче создава уметничко дело на површина од 36м², поделено на три страни и ќе биде дел од новиот изглед на Саат кулата.

„Ова моја идеја да се постави мозаик на Саат кулата на самиот центар во Струмица е уште од кога се постави кулата. Самата Саат кула е во форма на триаголник, три исти страни. Идејата е првиот дел да биде мозаик со Царевите кули, вториот дел Битката на Беласица и третиот дел гробот на Струма. Фактички правам една симболика на Струмица во еден триаголник. Во долниот дел ќе биде поставен и грбот на Струмица“, вели за СтрумицаНет мозаичарот Александар Филев.

Филев вели дека мозаикот го прави на индиректен начин на изработка кој е поделен на повеќе делови, после тоа се лие во бетон и на крајот ќе биде монтиран на Саат кулата.
„Бидејќи мозаикот е една од најделикатната техника, бара многу подготовки, кршење на камења, мермери, а во оваа дело користен е и венецијан стакло кој го набавувам од Италија. До Нова година ќе биде поставен првиот дел – Царевите кули и грбот на Струмица, а потоа продолжувам со другите делови. Сакам да оставам големо дело на градот Струмица“ – со гордост ни кажа Филев.

Целосната изработка на мозикот, Филев планира да ја заврши до месец мај 2026 година, а овој проект со нов изглед на Саат кулата е финансиски поддржан од Општина Струмица.






























