Во рамките на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, УНДП во партнерство со Општина Струмица синоќа во Домот на АРМ ја организираше изведбата на претставата „Осуден(а)“. Настанот ја отвори суровата реалност на насилството врз жените и девојчињата, оставајќи силен впечаток кај присутните.
Преку прашањата „Кој е жртвата?“, „Што ќе кажат другите?“ и „Дали системот сè уште молчи?“, претставата ги прикажа последиците од стравот, стигмата и тишината кои ги придружуваат жртвите на насилство.
Претставата ја проследија голем број млади луѓе, претставници на општината, институциите и невладиниот сектор, кои активно учествуваа и во дебатата што следеше. На неа се разговараше за причините за насилството, институционалните пропусти и неопходноста од подобра заштита на жртвите.
Организаторите истакнаа дека, и покрај напредокот, останува прашањето кое треба да нè поттикне сите: „Што можам јас да направам за да го спречиме насилството?“
Настанот е реализиран од УНДП во рамките на глобалниот проект „Поддршка на полицијата за ефикасно спречување и одговор на сајбер-криминал и родово базираното насилство и вознемирување“, финансиран од Република Кореја преку Корејската национална полициска агенција.






































