Струмичанката Сузана Гавазова во дует со Љубчо Ѓоргиев и нивната песна „Љубовта да расцути“ ја освоија првата награда на годинашното 38. издание Фолк Фест „Валандово“. Тие добија најмногу гласови од публиката и од жирито. Наградата им ја врачи градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов.
Второтопласирана е композицијата „Што си ветивме“ во изведба на Благоја Грујовски и Василија Петрова, а за трето место беше избрана композицијата „Дојди“ на Смиља Митровска.
Вечерва на фестивалот беа изведени 22 нови македонски песни, а меѓу членовите на жирито, кои одлучуваа за најдобрите беа и две фолк дами од струмичката естрада, Ленче Кукиќ и Благица Калева.
На фестивалот постхумно беше доделена и наградата за животно дело на легендата Гоце Арнаудов, за се што создал на македонската музичка сцена и вредноста што ја оставил зад себе. Наградата со емоции и солзи ја прими сопругата на Гоце, Силвија Арнаудова, која се поклони пред неговата слика прикажана на видеобимот на сцената, а публиката во салата стана на нозе и со аплауз му оддаде почит на македонската легенда од Струмица.
Во ревијалниот дел свој настап имаше еден од доајените на македонската фолк песна, струмичанецот Перо Христов, а како водител на фестивалот уште еден струмичанец, Ѓорги Калајџиев, заедно со познатото ТВ лице, Ирена Спировска.