По повод една година од големата трагедија што се случи во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, млада Македонка која живее во Велика Британија покренува хуманитарна кампања со цел обезбедување финансиска поддршка за Јавната здравствена установа „Општа болница“ во Кочани.
Станува збор за Паулина Маказлиева, студентка по право, со потекло од Струмица, која иако е родена и живее во Велика Британија, вели дека чувствува силна поврзаност и љубов кон Македонија – љубов што, како што истакнува, ѝ ја всадил нејзиниот татко, Спиро Маказлиев.
Хуманитарната акција ќе се реализира паралелно во Велика Британија и во Македонија, а собраните средства ќе бидат наменети исклучиво за поддршка на ЈЗУ „Општа болница“ – Кочани, односно за набавка на потребни медицински материјали и подобрување на техничката опрема.
Кампањата ќе започне со видеообраќање кое ќе биде објавено на 14 февруари, Денот на вљубените, на социјалните мрежи. Во видеоапелот, Маказлиева ќе ја објасни мотивацијата зад акцијата, а во неговата реализација ќе учествуваат и нејзини пријатели – јутјубери, колеги од факултет, како и роднини и пријатели од двете земји.
Пред објавувањето на видеото, таа најавува и посета на детска болница во Вустер, Англија, каде што по повод Свети Валентин ќе им подели подароци на децата пациенти. Токму преку директното искуство со здравствениот систем во Велика Британија, Маказлиева, како што наведува, ја согледала големата разлика во опременоста и поддршката на болниците, што дополнително ја мотивирало да преземе конкретна иницијатива за помош на јавното здравство во Македонија.
Собраните средства ќе бидат донирани директно на „Општата болница“ Кочани, со цел подобрување на условите за лекување, обезбедување медицински резерви и унапредување на грижата за пациентите, особено за оние кои и по една година од трагедијата сѐ уште имаат потреба од медицинска помош.
Како продолжение на оваа хуманитарна кампања, Маказлиева најавува и организација на добротворна трка во Македонија во текот на летниот период, за време на нејзината посета на земјата. Настанот би имал за цел, покрај собирање средства, и оддавање почит на настраданите, како и дополнително подигнување на јавната свест.
Паулина Маказлиева порачува дека секоја донација, без разлика на износот, е значајна и може да направи разлика, а целата иницијатива е насочена кон претворање на болката и сеќавањето на трагедијата во конкретни и корисни дела за заедницата.
Заинтересираните граѓани и институции можат да се информираат и да се вклучат во акцијата преку контактите:
Паулина Маказлиева
тел. +44 7494 895530
Координатор за Македонија:
Ксенија Маказлиева Трајчева
тел. 075 464 241




























