Од вечерва до сам ден Тримери во Струмица се забранува политиката. Иако е предизборен период, Александар Цицимов земајќи му го клучот од градот на градоначалникот Костадин Костадинов, заедно со Карневалскиот одбор на Струмичкиот карневал воведуваат нови правила на однесување, почитувајќи ја вековната традиција на струмичани. Возрасните и децата ќе се маскираат, младите музичари и под маска ќе свират и пеат, ќе има принц и принцеза како во бајките, ќе доаѓаат и маскирани лица од балкански и европски земји. Струмичани еден на друг ќе си простуваат за грешките од изминатата година, ќе се јаде бел фасуљ, ќе се оди кај армасани девојки, таму ќе се пеат еротски песни, а на сам ден Тримери ќе се јадат само посни јадења залиени со боза.
Но, иако карневалистите ја презедоа власта во Струмица да управуваат со градот една недела, првиот човек на Карневалскиот одбор Цицимов вети дека сепак ќе владеат по желбите на „бившиот“ градоначалник.
„Јас само можам да ветам дека се она што се негови желби, ние карневалистите на чело со Карневалскиот одбор, моите колеги со кои веќе неколку месеци, исто како и карневалистите работиме напорно, овие осум дена навистина да покажеме дека ја заслужуваме власта. Ќе се потрудиме сите желби на градоначалникот, но и на сите карневалисти, на сите граѓани да ги исполниме“, кажа Цицимов, најавувајќи дека сите ќе ги отворат домовите, срцата и ќе донесат радост и насмевка кај сите, а посебно кај гостите кои доаѓаат од далечната Финска до Грција, од Турција до Италија.
Градоначалникот Костадинов завршувајќи го својот градоначалнички мандат, предавајќи го времено во рацете на карневалистите, посака да му ја чуват Струмица, да создадат повеќе креативни маски и повика да се смеат, да се радуваат и да ја слават оваа голема традиција, која датира дури од 17 век.
„Струмица знае што има, Струмица знае да почитува традиција, Струмица знае да биде отворена“, кажа Костадинов честитајќи го големиот јубилеј на Карневалскиот одбор – 30 години членство во Федерацијата на Европските карневалски градови (FECC).
„Навистина е убав момент секоја година отпочнувањето на традиционалниот Струмички карневал, којшто со посебна гордост го славиме, го живееме, и едно нешто особено важно е да струмичани ширум ги отворат портите и за другите посетители од цела Македонија, но и посетители од странство. Колку е моќен Струмичкиот карневал говори и фактот дека во Струмица, струмичко и целиот регион, од Радовиш до Дојран нема слободен пансион, ниту слободно приватно сместување“, кажа Костадинов, кој заедно со Карневалскиот одбор, мажуретките и граѓани се упатија пред Центарот за култура на струмичкиот плоштад каде на јарболите се кренаа знамињата на Струмичкиот карневал и FECC.
Главната интернационална карневалска вечер од годинашното издание на Струмичкиот карневал е во сабота на 16 март, кога 48 карневалски маски со 1346 маскирани лица ќе продефилираат низ булеварот „Маршал Тито“ и плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица.