Струмица ќе има уште еден булевар. Новото булеварско решение е од Струмица до селото Дабиле. Станува збор за еден од најфреквентните во државата кој води до Граничниот премин „Ново Село“ на македонско – бугарската граница.
На започнувањето на градежните активности денеска беше градоначалникот на Струмица, Костадин Косатдинов со членови на Советот и претставници на општинската администрација.
„Ние ветивме три нови булевари во Струмица и еве сме денеска на патот Струмица – Дабиле, еден од најфреквентните во државата во однос на сообраќајот и започнуваме со решавање на тој проблем. Со претставници од општинската администрација, членови на Советот, сме овде на започнувањето на изградбата на новиот булевар Струмица – Дабиле во должина од околу 2 километри којшто е заедничка инвестиција на Јавното претпријатие за државни патишта и Општина Струмица. Обврските на Општина Струмица во однос на атмосферската канализација започнаа да се реализираат, после другата обврска е на Јавното претпријатие за државни патишта асфалтирање на самата делница и нормално потоа ние обезбедуваме велосипедски патеки со населеното место Дабиле, пешачка патека и осветлување. Барам трпение од граѓаните, оти нормално е кога има градежни активности да имаме различен режим на сообраќај, но ќе го правиме тоа на делници се со цел граѓаните да можат да си ги остварат своите права или обврските кои што ги имаат во Струмица и на други места“ – кажа градоначалникот Костадинов.