Денеска во Скопје, на 70-годишна возраст, почина легендата на македонскиот фудбал и една од најпрепознатливите фигури во историјата на ФК Вардар, Васил Рингов.
Една од најмаркантните личности на домашната фудбалска сцена, човекот кој повеќе од една деценија го носеше дресот на најтрофејниот македонски клуб, ќе остане во сеќавањата на љубителите на фудбалот како вистински мајстор на играта, играч на кој му се воодушевуваа и соиграчите и противниците. Со својот стил, техника и чувство за гол, Рингов остави длабока и трајна трага во македонскиот спорт.

Покрај најзначајниот период поминат во ФК Вардар, Васил Рингов во текот на својата богата кариера настапуваше и за екипите на Партизан, Тетекс, Динамо Загреб, како и за германскиот Ајнтрахт Брауншвајг, со што стекна голема почит и надвор од македонските фудбалски простори.
Васил Рингов е роден на 17 април 1955 година во Струмица. Неговото име ќе остане запишано со златни букви во историјата на македонскиот фудбал, како симбол на една генерација и едно време во кое фудбалот имаше посебна душа.





























