Струмичкиот театар „Антон Панов“ во недела, 29 декември од 20:00 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Празнина“ во режија на Васил Христов.
Станува збор за драмска предлошка/драматизација работена по мотиви на издвоени сцени од драмскиот текст „Празно“ од драмската авторка Алис Бирч. Секоја сцена е засебна „приказна“, а пак логичната поврзаност помеѓу сцените не е очигледна, таа се насетува некогаш преку реплика, некогаш преку зададена состојба, некогаш поради потребата да се надгради една или повеќе драмски ситуации, некогаш преку драмската атмосфера, некогаш во драмската пауза, некогаш во она што го нема а сепак е присутно. Позицијата на жената и децата во општеството се слика низ сцени во кои тие се поставени во ситуација на соочување со правосудниот систем, соочување со кривичен прогон, одземена слобода, затворски услови, соочување со злосторство, личната трансформација при преиспитување на сопствената вина, личната трансформација при состојба на каење, личната трансформација преточена во резигнација…
Во „Празнина“ настапуваат актерите: Ангелина Тренчева – Ангелова, Коста Ангов, Јасмина Билаловиќ, Ванчо Василев, Ања Митиќ, Танкица Стојанова и Игор Тодоров.
Недела, 29 декември | 20:00 часот | Билет: 300 денари | Центар за култура – Струмица