Четириесеттина нови дела создадени на годинашната јубилејна 60-та Меѓународна Струмичка ликовна колонија во периодот од 5 до 15 август, синоќа беа за прв пат поставени пред јавноста на Изложба во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, која традиционално се организира на Денот на ослободувањето на градот Струмица.
Уметничките дела во различни ликовни дисциплини, создадени од 20-тина ликовни уметници од Романија, Турција, Србија, Бугарија, Грција и Македонија, ќе бидат трајно сведоштво во богатиот фонд на најстарата ликовна колонија во Македонија и на Балканот кој сега брои 2850 дела.
Делата од годинашата Струмичка ликовна колонија можат да се видат во наредните две седмици во Центарот за култура „Антон Панов“.