Основното јавно обвинителство Струмица донесе наредба за спроведување истражна постапка против 48-годишен маж од селото Просениково, осомничен за кривично дело убиство во обид, казниво по член 123 став 2 точка 2, во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Според истрагата, на 26 ноември, во семејниот дом, осомничениот при вршење семејно насилство се обидел да ја лиши од живот сопругата. Тој ја фатил за главата и со шприц се обидел насилно да ѝ вбризга непозната течност, најверојатно пестицид. Жената се спротивставила, викајќи за помош, а нејзините две малолетни деца, слушајќи ја вревата, дошле од другата соба и се обиделе да ја одбранат.
Оштетената успеала да влезе во бањата, но напаѓачот влегол по неа, ја турнал во кадата и ја притиснал со колено, по што со нож почнал да ѝ нанесува посекотини на вратот, во непосредна близина на каротидната артерија. Децата повикале роднини, кои успеале да го спречат и да ја спасат жената.
Во исказот даден пред јавниот обвинител, жртвата изјавила дека подолг период била изложена на физичко и психичко насилство, но не се осмелувала да го пријави. Обвинителството проценува дека постои реална опасност осомничениот повторно да стори семејно насилство и да го доврши обидот, како и опасност од бегство и влијание врз сведоците – членови на семејството кои помогнале во спречување на нападот.
Поради тоа, јавниот обвинител поднесе предлог до судијата на претходна постапка за определување мерка притвор за осомничениот. Судот му одреди 30 дена притвор.




























