Главното извлекување од Големата Наградна игра на „БЕНЗОИЛ“ за 2023, кое делумно беше поништено, ќе се повтори на 5 јануари (петок) во 13:00 часот, информираат од компанијата.
Ќе бидат извлечени три награди, лаптоп, мотор Веспа и главната награда автомобил „Volkswagen Polo“, кои на 21 декември ги доби едно исто лице, а за кое подоцна се констатира дека е сестра на вработена во „БЕНЗОИЛ“, која имала вметнато многу сметки од потрошувачи кои не ги земале своите фискални сметки. Согласно правилникот за организирање на наградната игра, вработените во компанијата и членови на потесното семејство не можат да земат учество во наградната игра.
Извлекувањето делумно ќе се повтори за овие три награди, а веќе извлечените добитници Леон Рујков, кој доби таблет и Ангел Ѓоргев – велосипед, своите награди можат да си ги подигнат.
Во главното извлекување на 5 јануари ќе учествуваат сите фискални сметки од над 1.000 денари за наточено гориво на Бензинските станици „БЕНЗОИЛ“ во периодот од 1 февруари 2023 до денот на извлекувањето, 5 јануари 2024 година, до 12:00 часот.