И годинава по 19-ти пат планинарски марш во чест на претседателот Борис Трајковски. Утрово од пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк, десеттина планинари од Струмица, Валандово, Гевгелија, Радовиш и Штип заминаа кон вечното почивалиште на претседателот Трајковски на гробиштата Бутел во Скопје.
Планираат да пешачат околу 200 километри до денот на трагедијата, 26 февруари, кога пред 20 години во авионска несреќа кај Мостар загина претседателот Борис Трајковски и негови соработници.
Викендот ќе се одржи уште еден настан во чест на претседателот Борис Трајковски, а во организација на ПАОК „Ентузијаст“ од Струмица. Дванаесет планинари од Македонија и Бугарија во сабота и недела ќе пешачат и по падините на планината Беласица. Тие ќе се искачат на врвот „БоТра“ на надморска височина од 1.880 метри.