Струмичанецот Пепи Велков, член на македонската кикбоксерска репрезентација, со сигурна победа го отвори настапот на WAKO Kickboxing World Championship што се одржува во Абу Даби. Во осминафиналната борба во дисциплината „лоу кик“ до 67 килограми, Велков со 3:0 го совлада противникот Ајуб Берноуси Лакрами од Обединетите Арапски Емирати, демонстрирајќи доминантно и технички зрело издание.
Според информациите објавени од спортскиот портал „ИПОН“, негов следен противник во четвртфиналето ќе биде Алихан Оздојев од Казахстан, борба што носи пласман меѓу најдобрите четири во категоријата.
Велков, кој доаѓа од Василево, со оваа победа ја донесе втората победа за Македонија на Светското првенство, на кое учество земаат рекордни 1664 кикбоксери од 85 држави.




























