Општина Струмица започна со значајно подобрување на условите во образовните установи, откако во повеќе основни училишта и детски градинки беа поставени професионални прочистувачи на воздух. Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, денеска лично ги посети дел од институциите каде што се инсталирани уредите и се увери во нивните придобивки.
Професионални прочистувачи се поставени во ООУ „Никола Вапцаров“, ООУ „Маршал Тито“, ООУ „Видое Подгорец“, ООУ „Сандо Масев“, како и во градинките „Виножито“ и „Детска Радост“ во Струмица.
Станува збор за високо напредни уреди донирани од Генералниот секретаријат на Владата, кои користат H14 HEPA филтри, способни да задржат над 99.995% од вирусите, бактериите и микроорганизмите – ниво на прочистување споредливо со услови во стерилни простории.
Покрај тоа, уредите се опремени со префилтер со активен јаглен кој значително ги намалува непријатните миризби, озонот, азотните оксиди (NO₂) и летливите органски соединенија (VOCs). Со капацитет од 2.500 м³/час, тие овозможуваат и до петкратна размена на воздухот во просториите секој час, што значително придонесува за поздрава средина за учениците и децата.
„Здравјето и безбедноста на нашите најмали се врвен приоритет за Општина Струмица. Со овие современи прочистувачи обезбедуваме чист и свеж воздух во образовните институции и создадеме побезбедна средина за здрав раст и развој на децата“, истакна градоначалникот Јанков.
Општина Струмица најави дека ќе продолжи со инвестиции во заштита на здравјето и подобрување на условите во образовните и јавните установи.
































