Мито Андонов од Иловица, од денеска е нов пратеник во Собранието на Македонија. Тој влегува како следен кандидат на листата на ВМРО–ДПМНЕ во Изборна единица 4, по испразнетото место на доскорешниот пратеник Дејан Проданоски, кој на последните локални избори беше избран за градоначалник на општина Прилеп.
Андонов во претходниот состав на Советот на општина Босилово ја извршуваше функцијата претседател на Советот, а неговиот избор ја проширува групата пратеници од владејачката ВМРО–ДПМНЕ кои доаѓаат од струмичкиот регион. Со него, ВМРО-ДПМНЕ од регионот има четворица претставници во законодавниот дом: Ели Панова и Жан Дрвошанов од Струмица, Петар Марков од Ново Село и Мито Андонов од Босилово, а со двајцата пратеници од СДСМ, Јована Тренчевска и Борче Цветков и Миле Цеков од ЗНАМ, нашиот регион сега има вкупно седум пратеници во Парламентот.
Собранието на денешната седница ги верифицираше мандатите на тројца нови пратеници: Мито Андонов, Александра Николовска и Мартин Стојановски.





























