Во Струмица од сабота, 1 јуни стартува третото издание на фестивалот на камерна музика, единствен од ваков вид во Македонија – „Classic International Festival Strumica 2024“, а ќе се одржува до 9 јуни на различни локации во градот.
Фестивалот ќе биде отворен со Концерт на Клавирско трио „3-ОС“ од Хрватска, составено од врвните музичари Наумов, Штрбац и Мајиќ. Концертот ќе се одржи во сабота во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“ со почеток во 20:00 часот.
Следниот концерт е во понеделник, 3 јуни со почеток во 20:00 часот, а ќе се одржи во Црковниот храм „Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица. Таму ќе настапи Градски мешан хор „Гортинија“ под диригентство на Илија Атанасов.
На 5 јуни (среда) во Градската уметничка галерија ќе настапи „Дуо гитари“ со Брешкова и Трохарова од Бугарија. Концертот започнува во 20:00 часот.
Во петок, 7 јуни уште едно дуо, овој пат на пијано со Божиновска и Димовска од Македонија. Тие ќе одржат свој концерт во рамките на фестивалот во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ од 20:00 часот.
Третиот „Classic International Festival Strumica 2024“ ќе биде затворен на 9 јуни, недела со концертот на Камерниот оркестар „Аморосо“ од Србија. Концертот ќе се одржи во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ од 20:00 часот.