Денеска е Денот на Вознесението Христово (Спасовден; Св. Спас.)
Св. Спас е голем христијански празник. Во Струмичко неколку села, како што се Робово, Колешино и други го слават како селски празник. Селските празници, обично, го слават денот на светецот што го носи црквата во селото, но има исклучоци. На тој свет ден вратите на сите куќи се отворени и гостите и намерниците се добродојдени во секоја куќа. Некогаш на овие селски празници се организираа натпревари во повеќе спортски дисциплини, особено во борење, но денеска полека овој дел од празникот се изостава. Нема ниту фудбал, ниту „куши`а“ (трчање), ниту ѓуреш (борење). Се`се сведува на пречекување гости, јадење и пиење и – толку. Стариот начин на селската слава полека, полека нестанува.
Инаку, Спасовден се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Датата ја менува, но денот останува ист. Како и повеќе други празници зависи од Велигденот. Според Библијата, четириесет дена по воскреснувањето Исус Христос им се јавил на своите ученици и ги подготвувал за нивните идни активности. Од велигден до Спасовден луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе“, а си отпоздравуваат со „Воистину воскресе“.
На денешен ден во некои села (Конче, Радовишко) од рани зори селаните образуваат литија и со икона во рацете одат низ полето и пејат пригодни песни со верување дека жетвата ќе биде побогата.
За жителите на село Робово, Струмичко, денешниот ден е значаен и по еден голем јубилеј. Имено, годинава се навршуваат 163 години од отворањето на првото училиште на народен македонски јазик во с. Робово, Струмичко. Пред ова училиште такви народни училишта биле отворени само во Банско, Пиринска Македонија и во Башино Село кај Велес.
Почетоците на просветата во Струмица и Струмичко тесно се поврзани со името на младиот учител Арсени Костенцев.
Роден е во месец август 1842 год. во Ново Село кај Штип. Потекнува од православни родители, татко Георги Костенцев и мајка Марија Х. Каранфилова – Костенцева. Своето најелементарно образование го добил во ќелијното училиште во Штип. Татко му бил ученољубив човек. Сакал бистриот момчак да го школува. Арсени настава посетувал кај повеќе учители. Бил еден од најдобрите ученици во градот, а особено се истакнувал како добар црковен певец.
Раната смрт на татко му ги прекинала неговите амбиции за понатамошно школување, а немаштијата го довела во Струмица, „… во куќата на Евтим Ранеников, шеснаесетточлено семејство – едно од најинтелигентните и најдобрите во Струмица”, како што пишува во своите “Спомени”. Овде тој ги поучувал децата на своите „чичовци”, како што ги ословувал своите добродетели и заштитници. Но, поради отпорот на фанариотскиот владика Јеротеј, неговиот престој во Струмица бил прекинат.
Видниот робовчанец, Дедо Мицо Караџата, дознал за младиот седумнаесетгодишен Арсени кој се истакнал како црковен певец во Струмица и како учител на бројните деца на Костадин и Ташо Раненикови и го зел за учител во селото Робово, Струмичко.
Училиштето во Робово е отворено во март 1860 година, точно пред 150 години и во него се школувале 45 деца од Робово и по 4 – 5 деца од околните села Дабиља, Сачево, Муртино, Моноспитово, Банско и 5 деца од Струмица.
Овде, во село Робово, Костенцев развил богата просветна, црковна, етнолошка, етнографска и фолклорна активност. На тоа особено го потикнал големиот етнолог, етнограф и фолклорист Стефан Верковиќ кој во тоа време, како агент на српската влада, работел и делувал во Македонија. За таа плодна соработка сведочи и сочуваната кореспонденција што ја воделе нашиот учител и Верковиќ.
Искрениот до наивност Арсени во едно свое писмо до Верковиќ, датирано од јануари 1863 година, пишува: “Најдраг пријателе! Твоето драгоцено писмо и книгите што ги прати по оној нашинец од Босилово, ги добивме. Много се израдувавме… Ти испраќам од мојата десна рака едно просто детинско писменце от Арсениа Георгиев, робовски учител, до тебе, татко мој, Стефан Берковец (Верковиќ, И.К.) и ако питаш што допрати заради песните, има от срце да ти ги наваксам сите песни, прикаски, сега ти допратив неколку… от небо до земља ти се молам да ми допратиш некоја книжица што ќе ти се одели од срце… Колку чинат, ќе ти ги доплатиме парите… Многу ти се молам да ни допратиш три наусници (вид книги, И.К.) за три сиромашни деца…”.
Арсениј Костенцев е заслужен и за изградбата на училишната зграда и црквата во село Робово затоа што со неуморниот Дедо Мицо одел од куќа до куќа и собирал пари и земјоделски производи за изградба и на двата објекта.
На денешен ден, Спасовден, дедо Мицо Караџата и младиот Арсени ја почнале акцијата за прибирање средства за изградба на црквата и училиштето во селото. Оделе од куќа во куќа и запишувале кој што и колку дал. Дедо Мицо дал личен пример:
„А сега, даскалче, седни тука! Седни тука и пиши од мене 20 бучука (18 оки еден бучук) пшеница за новата црква „Св. Спас“, пиши од бабата 10 бучука, пиши од Доне и Танчо – синовите ми, по 5 бучука – а пак вие моми и невести, давајте крпи,чорапи…“. Набргу потребните средства биле соберени и се отпочнало прво со градба на училиштето, а потоа и на црквата во која се служело исклучиво на црквенословенски јазик, разбирлив за народот.
Неуморната работа на А. Костенцев вродила со плод. Училиштето во Робово станало вистински расадник на учители. По четиригодишно учителствување во селото, прогонуван и клеветен од грчкиот владика, Костенцев е принуден да го напушти Робово и оди да учителствува во село Попчево. Пред да замине за Попчево, тој отвора училишта и во други села, а за учители ги поставува своите подобри ученици.
Грчкиот владика успеал да го протера и од Попчево, па А. Костенцев бил назначен за учител во Пехчево. Учителствувал и во Неготино, Битола и во други села и градови на Македонија.
За нас е значаен првиот период на неговото учителствување, додека училиштата биле вистински народни училишта, кога учителот бил плаќан од селаните, а учителот отчет за својата работа давал пред целото село, со свечен испит на учениците.
Пред крајот на живото издал две книги – своите Спомени и 1000 поговорки, пословици и кратки изреченија. Со тоа Арсени Костенцев се вброи меѓу плејадата собирачи и проучувачи на фоклорот, а со Спомените се вброи меѓу литератите.
Умира во Софија 1921 година на 79-годишна возраст.
Ниту едно училиште или друга значајна установа не го носи неговото име. А треба!
Споменот за Арсени Костенцев меѓу населението во село Робово живее и денеска.
Напишано од Иван Котев