Шаховскиот клуб „Цареви Кули“ од Струмица реализираше Еразмус+ проект кој резултираше со дигитална платформа која има едукативна содржина и ќе ја олесни комуникацијата меѓу членовите на клубот. Во Еразмус+ проектот учествувале заинтересирани од Македонија, Србија и Полска, кои во февруари годинава присуствувале на обука на која била креирана дигиталната платформа наречена „iChess“.
Од овој струмички шаховски клуб потенцираат дека со ова тие стануваат првиот дигитализиран шаховски клуб во Македонија и пошироко. „Создадовме систем за учење на далечина што ќе го револуционизира начинот на организација и соработка помеѓу шаховските учители, младите шахисти, родителите и раководството на клубот“, соопштија од Шаховскиот клуб „Цареви Кули“ – Струмица.
Тие во петок, 28 април, со почеток во 17:00 часот, организираат настан во Домот на АРМ во Струмица, каде што ќе ги информираат заинтересираните за реализацијата на проектот, вклучително и за производот од истиот – дигиталната платформа „iChess“.