Од вечерва Струмица блесна во Новогодишен амбиент. Градоначалникот Костадин Костадинов заедно со децата од училиштата на плоштадот го најавија новогодишниот амбиент на градот. Светна големата 20-метарската новогодишна елка во различни бои и сите декоративни светлосни елементи, светлечко небо, светлосни дрвца, тунел, украсените грмушки, канделабри, ангелот кај големата пошта… кои на плоштадот и центарот на градот му даваат посебна магија.
„Започна Новогодишната магија во Струмица каква што Македонија нема видено, бидејќи опфатот на украсени улици и поставени реквизити е доста обемен. Еден од заштитените знаци е Новогодишната елка висока над 20 метри, но мене посебно впечаток ми остави ангелот на кружниот тек кај Соборниот храм што се гради висок 3,5 метри. Ова се времиња на радост, времиња на смеа и посакувам цела Струмица и цела Македонија да дојде во Струмица и да ја почуствуваат новогодишната магија“ – кажа градоначалникот Костадинов.
Фирмата „Линк Медиа плус“ од Скопје го направи овој новогодишен амбиент во Струмица за 137.500 евра, сума која ја доби на јавниот тендер на ЈП „Паркиралишта Струмица“.