Струмица живее во ритамот на најдобрата забава на овие простори, која секоја година се одржува пред Прочка. Во Струмица сите се под маска и уживаат во карневалските празнувања. Секој на некого личи, а Наполеон Бонапарта синоќа заличуваше на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов. Тој заедно со шоуменот Игор Џамбазов и голем број струмичани и маскирани лица од многу земји, Шведска, Финска, Турција, Хрватска, Босна, Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција ја правеа масканбалската забава во „Сириус“, под ритамот на песните со македонската поп ѕвезда Александра Јанева. Таму традиционално се избраа принцот и принцезата – Цветанка и Лефтер Андонови кои заедно со својата карневалска група „Хипици“, кралот и кралската свита вечерва ќе го предводат карневалското дефиле во кое ќе има безмалку 1500 карневалисти.
„Маската нема никаква скриена порака, туку се работи за карневал, големиот Струмички маскенбал, кој е увертира за главната карневалска вечер. Посакувам и овој Струмички карневал да помине во духот на забавата, во духот на смеата, од Струмица да се шири пораката на обединувањето во Македонија и надвор од неа. Портите на Струмица не се отворени само за струмичани, туку ги отвораме за целиот Балкан“, кажа градоначалникот Костадинов.