На 17 декември младиот ликовен уметник Таше Пефќев од Струмица ќе ја претстави својата втора самостојна изложба која го носи насловот „Диптих“ и претставува спој на 15 уметнички дела насликани во два стила — апстракција и експресионизам.
Изложбата на Пефќев ќе биде поставена во „Арти Бранч Кафе“ и свечено ќе биде отворена на 17 декември, (среда), а јавноста дополнително ќе биде известена за точниот час. Делата ќе останат изложени до 19 декември, (петок). „Арти Бранч Кафе“ е уметнички настроен локал кој се наоѓа на улицата „Атанас Јанев“ бр. 3, кај Полициската станица во Струмица.
Првата самостојна изложба на Таше Пефќев од 25 март 2018 година го преполни фоајето на Центарот за култура во Струмица. Осумнаесетте дела на Пефќев, тогаш матурант, го заокружија неговиот раст како ликовен уметник до неговото полнолетство.
Таше Пефќев, роден во 2000 година во Струмица, дипломирал на Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и работи како наставник по ликовна уметност во основни училишта во општина Струмица.






























