Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека е прекинат прагот на алармирање за загадувањето на воздухот, по што престануваат да важат мерките и препораките за заштита на населението.
„Согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем, на ден 22.12.2025 година среднодневните концентрации на РМ10 честички се под дефинираниот праг на алармирање од 150 µg/m³ и епизодата со надминување на прагот на алармирање е прекината во Скопје и Струмица“, се наведува во соопштението од Министерството.
Сепак, ваквата одлука отвора дилеми во јавноста, имајќи предвид дека и покрај податоците од државната мерна станица, други мерни станици во Струмица во исто време регистрираат значително повисоки концентрации на РМ10 честички, кои се движат од 200 до 300 µg/m³, што претставува сериозно загадување на воздухот.
Особено загрижувачки се податоците од јужниот дел на градот, каде според достапните мерења концентрациите на РМ10 честички достигнуваат и над 500 µg/m³, што е повеќекратно над дозволените гранични вредности и претставува висок ризик за здравјето на граѓаните.
Иако формално е укинат прагот на алармирање, состојбата на терен укажува дека делови од Струмица и понатаму се соочуваат со сериозно загадување, што повторно го наметнува прашањето за репрезентативноста на мерните податоци и за потребата од поопфатен и поусогласен мониторинг на квалитетот на воздухот во градот. /Р.Ѓ./





























