Во сабота, 15 ноември, со почеток во 20:00 часот, на Камерната сцена при Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, ќе се одржи концертот со наслов „Музички патишта: Од средновековна Европа до Медитеранот“.
Репертоарот на концертот нуди уникатно музичко патување низ времето и просторот, комбинирајќи познати традиционални песни од Македонија и Медитеранот со современи аранжмани инспирирани од старите музички традиции.
Ансамблот создава синтеза на стари и современи инструменти, следејќи го патот на Медитеранот – од Северна Африка и Блискиот Исток, преку Јужна Европа и Балканот. Во изведбите ќе се слушнат ут, лаута, лира, дудук, деф, сантур, бугарабу, зилиси, кларинет, контрабас и гитара, со што се создава осовременет, но длабоко автентичен звук, во кој традиционалните мелодии се преплетуваат со вокалната експресија и импровизациската слобода.
Концертот е замислен како музичка приказна што ги поврзува народите и времињата, градејќи мост меѓу различните култури преку универзалниот јазик на музиката и човечката емоција.
Низ овие „музички патишта“ ќе ве водат:
Ана Митоска – вокал, сантур
Петар Христов – уд, лира, лаута, вокал
Пеце Трајковски – Брада – перкусии
Зоран Беговски – деф, вокал
Андреа Мирческа – контрабас, вокал
Илија Чакароски – вокал
Публиката ќе има можност да доживее редок спој на музички традиции, култури и емоции, преку концерт што носи дух на автентичност, креативност и хуманост во исто време.





























