Процесот за генерално чистење на поројот на улицата „Крушевска Република“ во градот Струмица, започнат во месец април со пролетно прскање против коров и други растенија, продолжува со активности за негово целосно чистење (машинско косење на трева, собирање на останатиот смет, отстранување на наносите од песок и земја и сл.), информираат од ЈПКД „Комуналец“. Истата постапка ќе биде повторена во текот на летото како и во текот на есенските месеци.
Од комуналното претпријатие информираат дека во тек се и активности за обележување на контењерите за отпад од домаќинствата како и местото околу нив со ознака за „забрането паркирање“, како би можел автосмеќарот непречено да ги испразни.
„Ги потсетуваме граѓаните дека таму каде што има два или повеќе контењери еден до друг да вршат примарна рециклажа, односно да го стават сметот во соодветните контењери. На тој начин уште на самиот почеток се овозможува понатамошно рециклирање со што значително се намалува сметот, а сето тоа е еден дел од заложбата за помалку ѓубре и почиста животна средина“ – соопштуваат од „Комуналец“.