Екипите на ЈПКД „Комуналец“ Струмица денеска спроведоа акција за чистење на дива мини депонија лоцирана зад градската библиотека, во самиот центар на градот. Иако на оваа локација се поставени три контејнери, несовесното однесување на поединци повторно довело до создавање на несоодветно депониран отпад.
Од „Комуналец“ апелираат дека со отстранувањето на депонијата и со поголема совесност кај граѓаните, се очекува ваквите грди слики да не се повторуваат, а јавните површини да останат чисти и урбано уредени.
Јавното претпријатие потсетува дека секое домаќинство е должно својот комунален отпад да го собира во најлон кеси, добро заврзани, и да го депонира исклучиво во поставените контејнери. Кабастиот отпад – како делови од мебел, градежен шут, сува трева или одделени гранки – не смее да се остава до контејнерите или на јавни површини. За подигнување на ваков вид отпад, граѓаните треба да се јават на телефонскиот број 13-110, кој е достапен 24 часа, седум дена во неделата. По пријавата, службите на „Комуналец“ го преземаат отпадот директно од дворовите на граѓаните.
Од претпријатието предупредуваат дека секое несовесно оставање смет на јавни површини ја нарушува сликата на градот и ја загрозува животната средина во која сите живеат.

































