Задолжително да се носат заштитни маски во здравствените установи и во домовите за стари лица и да се забранат посетите во болниците и во домовите кои згрижуваат стари лица, препорача Комисијата за заразни болести по денешната седница поради зголемен број на заболени од грип.
Овие препораки Комисијата ги доставува до Министерството за здравство, а за нив треба да одлучи Владата.
„Моментално имаме зголемување на бројот на случаи со грип и споредено со минатата недела и споредено со просечниот број на случаи во минатите 13 години. Влезени сме во сезоната на инфлуенца и повторно треба да размислуваме за заштита на најранливите, а тоа се луѓето постари од 65 години, луѓето со хронични болести и ги повикуваме, доколку во минатиот период не завршиле со вакцинација, да се заштитат со примање на вакцина против грип“, изјави Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Петличковски рече дека грипот го надминал бројот на случаи на ковид, кој е во опаѓање. За големата кашлица, се уште се два регистрирани случаи. Тој ги повика родителите да ги вакцинираат децата со вакцината против голема кашлица за да го намалат ризикот кај нив.
Препораките за училиштата, пред почетокот на второто полугодие, се проветрување и хигиенски мерки.