Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов денеска имаше средба со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.
Како што информираат од Кабинетот на градоначалникот, на средбата е разговарано за туристичките потенцијали на Струмица, која е позната културно-историска и туристичка дестинација и која сериозно вложува во подобрувањето на туристичката инфраструктура, но и ги следи трендовите и своите понуди ги прилагодува на интересите на туристите.
„Ми беше гордост со директорот Јаневски да разговараме и за нашиот најголем туристички настан – Карневалот и неговата годинашна програма, а за кој сум убеден дека ќе привлече поголем број домашни и странски туристи и сите заедно уште еднаш ќе се гордееме со оваа наша вековна традиција“, вели градоначалникот Костадинов.
Тој потенцираше дека заеднички бил заклучокот дека и во услови на сериозна економска криза не треба да се откажуваме од оваа гранка, туку напротив да се бараат и нови форми на туризмот кои ќе го поттикнуваат и локалниот економски развој.