Вкупно 39 карневалски маски и околу илјада маскирани учесници ќе бидат дел од главната карневалска вечер на годинашното издание на Струмичкиот карневал 2026, според официјалниот распоред на учесници.
Во карневалската поворка ќе продефилираат најмалку илјада учесници, од кои 756 се од Македонија, а 238 учесници доаѓаат од странство, односно од Бугарија, Србија, Хрватска и Црна Гора. Конечната бројка се очекува да биде и поголема, бидејќи за една од странските групи не е наведен точниот број на учесници.
Значителен дел од карневалските маски се направени од ученици од основните и средните училишта од Струмица и регионот, како и од локални карневалски групи, студија и здруженија, кои традиционално се носители на карневалската традиција. Во поворката ќе настапат и бројни меѓународни групи, кои со своето присуство го потврдуваат интернационалниот карактер на Струмичкиот карневал, како дел од европското и светското карневалско семејство.
Меѓу најбројните маски годинава се „Танцот на сонцето“ на СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица со 118 учесници, „Цветина свадба“ на СОУ „Јане Сандански“ со 70 учесници, „Струмички чудесии“ на ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ со 70 учесници, како и „Сончогледи“ на Газелите со 60 учесници.
Карневалската поворка ќе понуди богата програма со креативни и впечатливи маски, инспирирани од традицијата, историјата, фантазијата и современи теми, а присуството на домашни и странски учесници ветува уште едно незаборавно карневалско издание во Струмица.
Струмичкиот карневал, како еден од најпознатите и најстарите карневали во регионот и годинава се очекува да привлече голем број посетители и љубители на карневалската традиција.
Карневалската поворка од Интернационалната карневалска вечер која е во сабота, на 21 февруари стартува во 18:00 часот. /Р.Ѓ./
Распоред на карневалските маски – Струмички карневал 2026
- Блескави пеперутки – Шумен, Бугарија (30 учесници)
- Игра на снегулките – ООУ „Сандо Масев“, Струмица (30)
- Каубојките од Тиквешкиот карневал – Балетско студио Венус (22)
- Кралици на ноќта – ООУ „Герас Цунев“, Просениково (25)
- Цветина свадба – СОУ „Јане Сандански“, Струмица (70)
- Винчини – Винчини, Виница (35)
- Очилата на илузијата – Багашовски (1)
- Бал на цветовите – ЗОП Фолклорна низа (27)
- Сурферите на Лихнида – ООУ „Видое Подгорец“, Струмица (25)
- Природата во мене – Багашовски (1)
- Диско верверички – Врњачка Бања, Србија (24)
- Струмички тотеми – ООУ „Маршал Тито“, Струмица (20)
- Варварска хорда – Багашовски (18)
- Меѓу силата и мудроста – Мулен Руж (23)
- Чувари на мудроста – ОУ „Никола Вапцаров“, Струмица (17)
- Сина магија – Шабац, Србија (21)
- Танцот на сонцето – СОУ „Димитар Влахов“, Струмица (118)
- Сребрени сиринги – ВЕГА Кико стил (17)
- Венеција – Котор, Црна Гора (11)
- Назад во ’80 – Китки (20)
- Во здраво тело, здрав дух – Бела Црква, Србија (24)
- Светот на Калимеро, заедно сме сите исти – ООУ „Кирил и Методиј“, Дабиле (26)
- Сите сме различни, а сепак исти – Багашовски (8)
- Струмички чудесии – ДСУ РЦСОО „Никола Карев“, Струмица (70)
- Магелан под цареви кули – Мерит (20)
- Аманет – Струма (36)
- Beelicous – Брибир, Хрватска (40)
- Блескавиот був – Багашовски (1)
- Кактуси на карневал – Астра (31)
- Ајљак магарина – Разбудени (16)
- Креативно студио Авангарда – Лесковац, Србија (20)
- Вондерленд – Газели (60)
- Луда – Раковица, Србија (12)
- Цветна симфонија – СОУ „Киро Бурназ“, Куманово (28)
- Драске маскаре – Ријека, Хрватска
- Египетски бог – Анубис (1)
- Што ми требаше мене ова?! – Дубровачка жупа Млини, Хрватска (19)
- Соурварска група Сурвакари – Батановци, Бугарија (37)
- Џамалари – Тиквешки карневал (25)




























