По повод 120-годишнината од Илинденското востание и 79-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, денеска во Струмица беше одбележан Денот на Републиката – 2 август.
Утринава на Градскиот плоштад во Струмица, пред Споменикот на апостолот на македонската револуционерна борба за слобода и самостојност, Гоце Делчев, претставници на Советот на општина Струмица, Сојузот на борците, на политички партии и на невладини организации положија свежо цвеќе.
„Има еден ден во годината кој е ден над сите денови, празник над сите празници, гордост над сите наши гордости. Тоа е 2 Август – денот на двата македонски Илиндена, денот на двата големи печата на нашата македонска родина, денот – востанички громовник и денот – државотворник кои се на пиедесталот од нашата македонска историја. Илинден не смее да биде само дел од едно наше минато свршено време, туку да биде наш потсетник за испишување нова страница од нашето битисување, нова успешна приказна во која свое место ќе пронајдат и идните наши поколенија. Наша должност е да бидеме само преносно „колено“ на македонската низа во која ја пронаоѓаме нашата целосна идентификација и афирмација“ – беше пораката на Александар Ненчев, член на Советот на општина Струмица, говорејќи за истприографијата на двата Илиндена.