Во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, Бугарија на 7 март од 18.00 часот ќе биде поставена изложбата „Реминисценции“ на струмичанецот Марјан Ѕингаров, повеќегодишен соработник и пријател на Културно-информативниот центар. На изложбата Ѕингаров го претставува својот последен циклус од ликовни дела. Сликите се изработени на платно со комбинирана техника.
Марјан Ѕингаров е роден во 1976 година во Струмица. Дипломирал во 2002 година и магистрирал во 2005 година на Националната ликовна академија во Софија, Бугарија. Има реализирано девет самостојни изложби во Македонија, Бугарија и Романија. Учесник на групни изложби во Македонија, Бугарија, Грција, Србија, САД, Англија, Шпанија, Швајцарија, Италија, Полска, Чешка, Романија. Носител на Годишната награда на Општина Струмица „Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“ за 2022 година за особен придонес во областа на културата и уметноста.
„Делата на Марјан Ѕингаров следат една постојана траекторија на забрзување и компресирање на апстрактната сликовност со емоција и возбуда. Од знаковните студии со трње (од истоимениот циклус во 2015 година) преку геометриските бездни од 2018 година до припитомените стравови и сенки во сегашната серија „Реминисценции“, Ѕин систематски е во потрага на кој начин да претстави повеќе со помалку. Без да западне во излишно сликање, тој работи со прецизна композиција во сѐ поапстрактни платна, исполнети со својствен однос кон пластичноста. Тие остануваат декоративни во својот карактер, без претензии за живописност, но тој плакатен квалитет е совладаниот јазик на музичката хармонија на овој циклус, неговата едноставност, синтетизирана од одбрани изразни средства. Оваа тивка лиричност им придава посебен дух на делата, кои не случајно потсетуваат на архаични траги. Траги, пронајдени под урнатините на една визуелна цивилизација којашто ја губи мистичната моќ на сликата. Она што останало како сугестија од овие слики, е магливото сеќавање за нив и нивните осамени, избледени сенки“ – напиша Јово Панчев за делата во изложбата „Реминисценции“.