Гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица доби ново раководство. За нов директор на оваа средношколска установа е назначена професорката Зорица Витанова, која ќе ја замени досегашната директорка Невенка Стојанова, која во изминативе осум години ја водеше гимназијата.

Зорица Витанова е професор по англиски јазик со 22-годишно работно искуство во СОУ „Јане Сандански“. Во 2016 година се стекнува со звање магистер по меѓународен бизнис со странски јазици, а зад себе има учество во повеќе домашни и меѓународни едукативни проекти.
По повод назначувањето, Витанова изјави дека функцијата ја прифаќа со голема чест, но и со одговорност:
„Ја имам честа, но и одговорноста да застанам на чело на една од најважните образовни институции во нашата општина Струмица. Образованието е клучот кој ги отвора вратите на можностите и го осветлува патот кон подобра иднина. Затоа моја примарна цел ќе биде обезбедување на најмоќното оружје што можеме да им го дадеме на нашите деца, а тоа е квалитетно образование со коешто ќе можат да одговараат на барањата наметнати од современото општество“, истакна новоименуваната директорка.

Досегашната директорка, Невенка Стојанова, ја предаде функцијата со порака за континуитет и натамошен развој:
„Чест беше да се работи со овој колектив и да се претставува струмичката гимназија. Поставивме здрава основа која новата директорка ќе треба да ја надогради со нови успеси“, рече Стојанова.
Со новото раководство, гимназијата „Јане Сандански“ продолжува кон понатамошно унапредување на квалитетот на наставата и создавање услови за современо и конкурентно образование.




























