ЈЗУ Здравствен дом – Струмица реализира дводневна еколошка акција со цел подобрување на животната средина и унапредување на изгледот околу здравствените објекти. Активностите беа спроведени во соработка со ЈПКД „Комуналец“ Струмица, ЈП „Национални шуми“ – Подружница Струмица и КПУ Затвор – Струмица.

Во рамките на акцијата, во дворот на Центарот за ментално здравје и просторот пред зградата за вакцинација беа засадени вкупно 70 нови садници, со што значително ќе се подобри зеленилото и амбиенталниот изглед на овие локации.

Покрај засадувањето, вчера беше организирана и активност за кастрење и сечење на исушените дрвја во дворот на болницата. Со ова, како што информираат од Здравствениот дом, е подигнато нивото на безбедност, а истовремено е создаден почист и поуреден простор за пациентите и посетителите.

Од ЈЗУ Здравствен дом најавуваат дека ваквите активности ќе продолжат и понатаму, со цел континуирано подобрување на условите околу здравствените објекти и придонес кон почиста локална средина.




























