Советот на општина Струмица на 4 декември (четврток), со почеток во 10:00 часот во Домот на АРМ, ќе ја одржи својата 3-та седница. На дневниот ред се наоѓаат 24 точки, меѓу кои неколку значајни прашања од областа на буџетот, урбанизмот, социјалната поддршка и работењето на јавните претпријатија.
Меѓу поважните точки се издвојуваат:
- Измена на распоредот на средствата во Буџетот на општина Струмица за 2025 година, како една од клучните финансиски точки.
- Повеќе урбанистички проекти, меѓу кои урбанистички планови за нови градежни парцели во Струмица, Куклиш, Водоча и Вељуса, како и проект за планирана локација за соларна електрана.
- Разрешување и именување членови во раководните и надзорните одбори на јавните претпријатија „Паркиралишта Струмица“, „Лана Стационар“, Домот за деца и млади „Благој Мучето“ и ЈОУДГ „Детска Радост“.
- Извештаи за работењето на повеќе јавни претпријатија, меѓу кои „Паркиралишта Струмица“, „Лана – Стационар“, „Струмица Гас“ и „Струмица Транспорт“ за периодот јануари–септември 2025 година.
- Програмата за работа на Домот за деца и млади „Благој Мучето“ за 2026 година.
Седницата ќе започне со констатирање престанок на мандатот на членот на Советот, Кире Синдраковски кој си поднесе оставка поради именување на функцијата директор на ЈПКД „Комуналец“ Струмица и верификација на мандат на советник, односно на следниот од листата на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Андонов од Банско, претседател на Унијата на млади сили при Општинскиот комитет во Струмица.





























