Избувнал пожар на неколку метри над граничниот премин „Богородица/Евзони“, на грчката страна, по што тој е целосно затворен и не работи, објави порталот СДК. Како што наведуваат први да го гаснат пожарот влегле пожарникарите од Гевгелија, додека да дојдат грчките пожарникари. Во моментов се гасне со хеликоптер.
Како што велат сведоци од македонската страна на границата, струјата на „Богородица/Евзони“ е исклучена, а вработените се евакуирани. Интервенираат грчките противпожарни служби.
Од грчката страна, како што дознава СДК, сообраќајот е запрен до Поликастро. Возилата се пренасочуваат на граничниот премин Дојран.
Министерството за внатрешни работи побара граѓаните да не се упатуваат кон граничниот премин во моментов.
„Се преземаат интензивни мерки за гасење на пожарот и по неговото гасење, повторно ќе биде овозможено преминување преку граничниот премин. Апелираме до граѓаните да не се упатуваат кон граничниот премин додека не биде објавено дека пожарот е изгаснат и сообраќајот нормализиран“, соопшти МВР.
ДОПОЛНИТЕЛНО во 15:45 часот – Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека повторно е отворен граничниот премин Богородица, кој денеска беше привремено затворен поради пожар кој избувна на грчка страна. Во моментов граничниот премин функционира нормално.