Вчера полициските службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица реализираа две едукативни предавања за учениците од прво до петто одделение во Подрачното општинско училиште „Гоце Делчев“ во селото Дрвош, струмичко. Темата на предавањата беше „Безбедност во сообраќајот“, со фокус на подигање на свеста кај најмалите учесници во сообраќајот.
Преку презентации и едукативни материјали, учениците беа запознаени со основните сообраќајни поими, сигнализација, правила и прописи. Посебен акцент беше ставен на практичната едукација – како пешаците правилно да се движат и безбедно да ја преминуваат улицата, како и на правилното учество во сообраќајот при возење велосипеди и тротинети.
На учениците им беше поделен и едукативен материјал обезбеден од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). Активноста е дел од континуираните превентивни напори на СВР Струмица за унапредување на сообраќајната култура кај младите.





























