„GetExitEd“ забавата повторно на 7 септември во големиот градски парк во Струмица со фестивалска програма која ќе понуди регионални и светски познати музички ѕвезди и имиња“, ова го најави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов на прес конференција во Нови Сад во присуство на градоначалникот на овој град, Милан Ѓуриќ, основачот и директор на Егзитовата фестивалска групација, Душан Ковачевиќ и музичката ѕвезда Констракта, која ќе биде едно од музичките имиња во Струмица.
„Како прв човек на општина Струмица, оттука, од Нови Сад, сакам да истакнам дека и оваа година ќе се потрудиме за настанот „Get EXITed“ да се чуе надалеку и повторно да биде грандиозен. Инспирирани од културната размена и реализацијата на првото „Get EXITed“ издание, се договоривме да го започнеме процесот на збратимување на градовите Нови Сад и Струмица“, кажа Костадинов.
Музичарката Ана Ѓуриќ Констракта кажа дека е среќна ако и таа, со помош на Егзит, може да придонесе за културното поврзување.
„Мислам дека тоа по себе е веќе остварување, а секако се радуваме и на македонската публика која е строга, не може кај нив сѐ да пројде и треба да се потрудиме за да ги придобиеме“ – изјави Констракта на прес конференцијата.
„Егзит“ организацијата е најголемата во музичката индустрија на Југоисточна Европа. Покрај матичниот фестивал кој повеќе од 20 години традиционално се одржува во Нови Сад, Србија до сега има организирано бројни фестивали и големи концерти како што се „No Sleep festival“ во Белград, „Dance i Ada Divine Awakening“ во Црна Гора, „Revolution“ во Романија, „Sea Star“ во Хрватска, „Echowaves“ во Грузија, „Festival 84“ во Босна и Херцеговина, „Sunland“ на плажата „Perla“ во Бугарија и уште многу други концерти, а со „Get EXITed“ забавата во Струмица што се одржа минатата година, тимот ја додава и Македонија на оваа листа.