Денеска се навршуваат 72 години од свирепото убиство на петте струмички студенти Борис Белев, Мирко Пецев, Ѓорѓи Костуранов, Стево Топчев и Ѓорѓи Јар’мов од комунистичкиот режим на 13 август 1951 година.
Биле убиени со вразни раце, со по еден куршум во главата и еден во срцето. Само Борис Белев бил застрелан со три куршуми… Убиството било планирано, бидејќи на семејствата уште утрото им кажале да ги подготвуваат ковчезите. Студентите биле застрелани во вечерните часови, пред да бидат набрзина погребани.
Студентите, чија цел била слободна и независна Македонија, биле стрелани кај селото Орманли на планината Беласица, дваесеттина километри од Струмица. Образложението на тогашната власт било дека студентите работеле против комунистичкиот режим и илегално се обиделе да ја преминат границата, да побегнат во Грција.
По повод годишнината од убиството на петте струмички студенти денеска во 10:00 часот на градските гробишта во Струмица на вечните почивалишта на студентите ќе се отслужи Панихида во нивен спомен. Во 11:00 часот во малиот градски парк пред споменикот на студентите ќе се одбележи годишнината од убиството и ќе биде положено свеже цвеќе.