Во селото Градско Балдовци, општина Струмица почнаа градежните активности за изградба на фекална и атмосферска канализација, проект на Министерството за транспорт и врски вреден 85 милиони денари.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов денеска направија увид на отпочнувањето на градежните активности и се сретнаа со претставници на компанијата изведувач „Жикол“.
„Сигурен сум дека со овој проект решаваме еден огромен проблем на жителите на Градско Балдовци, значително го подобруваме животниот стандард на населението и придонесуваме за заштита на животната средина“ – кажа министерот Бочварски.
Според проектот, планирано е во наредните три години да бидат изградено околу 6800 метри фекална и околу 2600 метри атмосферска канализациска мрежа. Атмосферската канализација ќе оди во Тркајна, додека фекалната ќе биде поврзана со Пречистителната станица кај Сачево. Изградбата на дел од колекторот „Муртино – Сачево – Пречистителна станица“ ќе го реализира Општина Струмица.