Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, денеска учествуваше во работата на четвртата седница на Национален совет за развој, тело кое има значајна улога во обликувањето на долгорочната визија и развојниот пат на државата.
„Со особено задоволство го поздравувам вашето присуство и ви се заблагодарувам за континуираната посветеност, експертизата и поддршката што ја давате на работата на Националниот совет за развој. Вашето активно учество е доказ дека во земјата постои капацитет, волја и зрелост за заедничко, одговорно и визионерско планирање на иднината“, истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој е претседател на Националниот совет за развој.
Во обраќањето беше нагласено дека Националниот совет за развој, како носител на управувачката структура во рамки на Националната развојна стратегија, претставува уникатен форум во кој, преку вклучување на претставници од сите засегнати општествени чинители, се дискутира за клучни теми и прашања поврзани со долгорочниот, стратешки и одржлив развој на државата. Советот, како што беше посочено, не претставува само формална институционална рамка, туку простор за дијалог, аргументирана дебата, градење доверба и креирање заеднички одговори на комплексните предизвици.
Како што информираше премиерот Мицкоски, со консензуален пристап, широка вклученост и јасна инклузивност, почитувајќи ги принципите на транспарентност, отчетност и партнерство, донесена е Националната развојна стратегија за периодот 2024–2044 година. Со овој документ се поставени темелите на долгорочниот развоен правец на државата, кој првпат на системски и сеопфатен начин ја дефинира визијата за развој во следните две децении.






























