Синоќа, околу 20 часот, по претходна пријава од граѓани дека е забележан чад и оган во близина на новиот булевар „Братство Единство“ во Струмица, на необработено и неурбанизирано земјиште, Противпожарната единица на Струмица интервенираше веднаш на самото место.
„Бидејќи се работеше за ноќни услови, пожарот односно неговото жариште веднаш беше лоцирано со термален дрон и пристапено кон негово гаснење. Гореше дива депонија со непознати материјали од која и после дејствувањето со вода од ПП возилото, продолжи да излегува густ и црн чад со специфичен мирис кој потпомогнат од воздушното струење се ширеше во повеќе правци. Во моментот на снимањето со дронот и пристигнувањето на локацијата од страна на пожарникарите-спасители не беше забележано присуство на други лица“ – соопштија од ТППЕ Струмица.
Пожарникарите го информирале општинскиот инспектор и веднаш била ангажирана механизација за расчистување на депонијата и нејзино полесно гаснење.