Во Домот на АРМ во Струмица денеска се одржа првиот училишен Октоберфест – германски фестивал што ги обедини учениците и наставниците од средните и основните училишта во општината во духот на германската култура, традиција и јазик. Настанот беше подготвен со многу труд, ентузијазам и љубов, а донесе вистинска празнична атмосфера во центарот на градот.
Домаќин на фестивалот беше ООУ „Сандо Масев“ од Струмица, а во подготовките и изведбата активно учествуваа и трите средни училишта – „Јане Сандански“, „Никола Карев“ и „Димитар Влахов“, како и основните училишта „Видое Подгорец“ од Струмица и „Герас Цунев“ од Просениково.
Октоберфестот имаше и регионален карактер, со присуство на ученици и наставници од училиштата во Кочани, Делчево и Пробиштип, како и претставници од ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп, предводени од претседателката на Здружението на наставници по германски јазик.
Посебна поддршка на настанот дадоа претставниците на Гете-институтот, Кристина Гаснауер и Гордана Бабоска, како и Рихард Пуршвиц од Централната служба за училишта во странство. Поддршка упатија и претставници од Општина Струмица и Одделението за образование, заедно со бројни директори, наставници, родители и љубители на германската култура.
Преку богата и креативна програма, учениците на автентичен начин ја доловија атмосферата на германскиот Октоберфест, пренесувајќи ја суштината на германската култура и јазик. Настанот уште еднаш покажа дека учењето на странски јазик не е само совладување на граматика и вокабулар, туку и запознавање со духот, традицијата и вредностите на еден народ.